(ФОТО) ТАЖНА ВЕСТ: Почина македонски пратеник кој остави длабока трага во македонската политика!

Јавноста утрово беше погодена од тажна информација за смртта на поранешниот македонски пратеник Санде Џамбазовски, личност која со децении беше дел од политичкиот и општествениот живот во државата.

Веста за неговото заминување ја сподели актуелниот пратеник Благој Бочварски, кој преку емотивна порака се прости од човекот со кого, како што наведува, имал бројни искрени и значајни разговори низ годините.

„Со огромна тага ја примив веста за смртта на Санде Џамбазовски, истакнат долгогодишен член и еден од основачите на СДСМ во Штип“, напиша Бочварски, потенцирајќи ја неговата клучна улога во формирањето и развојот на партијата на локално и национално ниво.

Тој посочува дека низ годините често разговарале за минатите политички процеси, но и за актуелната состојба во државата, при што секој разговор бил исполнет со искреност, мудрост и длабоко разбирање на општествените предизвици.

Санде Џамбазовски во својата кариера извршувал повеќе значајни функции – бил претседател на СДСМ Штип, пратеник во македонското Собрание, како и заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Според Бочварски, тој ќе остане запаметен како стручен, посветен и принципиелен човек, кој целосно ѝ се посветил на својата професија и на идеалите на социјалдемократијата.

„Почивај во мир, Санде“, завршува во пораката Бочварски, изразувајќи длабока почит и благодарност за сè што Џамбазовски оставил зад себе во македонската политичка историја.