Сериозно ќе се промени домашниот пазар на труд – во текот на 2026 година ќе бидат издадени околу 10.000 работни дозволи за странски државјани. Оваа мерка, која стапува во сила од 16 јануари, има за цел да го ублажи недостигот од работна сила и да ѝ даде нов поттик на економијата.
Најголемиот дел од дозволите, дури 9.750, се наменети за редовно вработување. Од нив, 4.500 ќе бидат искористени за нови ангажмани, додека 5.250 се однесуваат на продолжување на веќе постојните дозволи за странци кои веќе работат во земјата. Дополнително, планирани се уште 200 дозволи за упатени работници и 50 за сезонски ангажмани.
Надлежните институции најавуваат дека внимателно ќе ја следат состојбата на пазарот на труд и искористеноста на квотите, со цел навремено да се реагира доколку економските услови се променат.
Зголемувањето на бројот на дозволи доаѓа по долгогодишни апели од бизнис-заедницата, која предупредува дека во сектори како градежништвото, угостителството, трговијата и преработувачката индустрија сериозно недостига работна сила.
Во споредба со пред пет години, бројот на дозволи е зголемен повеќекратно – тогаш биле издадени едвај 1.704. Најголем интерес за работа во земјава покажуваат работници од Бангладеш, Непал, Индија, Турција, Кина и Филипини.




