Сè повеќе Австријци посегнуваат по кокаин, најчесто повремено – за време на викендите или во стресни ситуации, но експертите предупредуваат на сериозните здравствени ризици поврзани со оваа дрога.
Податоците од годишните анализи за 2025 година покажуваат дека употребата на кокаин продолжува да расте низ целата земја, со изразени регионални разлики – повисоки во западните отколку во источните делови на Австрија. Европскиот извештај за дрога 2025 потврдува дека кокаинот стана една од најбрзо растечките супстанции во Европа, со рекордни заплени од над 400 тони на ниво на ЕУ.
Во Австрија, околу 90.000 луѓе пробале кокаин барем еднаш во последните години. Дрогата станува се подостапна, почиста и поевтина, што ја прави лесно прифатлива за младите и оние кои бараат краткотрајно “зголемување на фокусот” или забава.
Експертите, како Оливер Шајбенбоген, специјалист за зависности, предупредуваат дека редовната употреба води до длабоки промени во расположението, депресија, висок крвен притисок и други сериозни здравствени проблеми.
Иако властите во 2024 година заплениле над 259 килограми кокаин, што е зголемување од речиси 70%, критичарите истакнуваат дека само репресивните мерки не се доволни. Превенцијата и третманот на зависноста остануваат слаба алка, а општеството кое ја величи продуктивноста индиректно ги поттикнува овие трендови.
Земјата, иако строго ги казнува и најмалите прекршоци и воведува нови закони на неделна основа, засега занемарува проблемот со трговијата со дрога, што дополнително ги турка луѓето кон зависност.




