Поплави ја потопија Кичево: Евакуирани стотина семејства, уништен стадион и огромни штети

Состојбата со поплавите во Кичево и понатаму е исклучително сериозна. Поради излевање на водата, стотина семејства беа принудени да ги напуштат своите домови, а дел од градската инфраструктура е целосно под вода.

Меѓу најпогодените објекти е и градскиот стадион, кој е целосно поплавен. Од Фудбалскиот клуб Влазерими информираат дека теренот е уништен, а значителни штети има и на соблекувалните, спортската опрема, дресовите и целиот клупски инвентар. Според првичните проценки, станува збор за сериозни материјални загуби кои ќе бараат долгорочна санација.

Во меѓувреме, сите надлежни институции и општествено одговорни компании се активно ангажирани на терен. Евакуираните жители се сместени во спортската сала во Кичево, која располага со соодветно греење и основни услови за престој. Дистрибуцијата на храна се одвива организирано преку Општина Кичево, во координација со Црвениот крст. Дополнителна помош се обезбедува и преку општинската народна кујна и црковната кујна.

Во Охрид, состојбата е нешто посмирена, но сè уште алармантна. Сите човечки и материјални ресурси се ставени на располагање, а екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон езерото. Со пумпи се испумпува вода од подруми, дворови и деловни објекти, особено во населбата Далјан, од каде се примени најмногу пријави преку бројот 112.

Неколку хотели во Охрид понудија бесплатно сместување за погодените граѓани, а отворена е и сметка за донации преку Црвениот крст.