(ВИДЕО) ПОЛИЦИЈАТА ВО АКЦИЈА: Спречен обид за шверц на оружје во Македонија!

Царинската управа на Република Северна Македонија спречи обид за сериозен меѓународен криминал на граничниот премин Богородица, при што биле запленети девет пиштоли, од кои пет со голема пробивна моќ. Едно лице, македонски државјанин, е лишено од слобода и се наоѓа во притвор.

Случајот бил откриен во вторникот вечерта при рутинска контрола на излез од државата. При детален претрес на патничко возило со македонски регистарски таблички, управувано од осомничениот, царинските службеници пронашле девет пиштоли од марката „Црвена Застава“, скриени во кровната конструкција на автомобилот, помеѓу лимот и тапацирот.

По откривањето, случајот бил предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, кое поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за кривично дело неовластено држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи, казниво според Кривичниот законик.

Осомничениот по наредба на јавен обвинител се наоѓа во притвор, додека истрагата продолжува за утврдување на потеклото на оружјето, неговата намена и евентуално поврзаните лица.

Царинската управа најави дека ќе продолжи со засилени контроли на сите гранични премини за да се спречат обиди за шверц и други облици на организиран криминал.

ВИДЕО