Асистентот-режисер на хит-серијата „Емили во Париз“, Диего Борела (47), ненадејно почина за време на снимањето на петтата сезона во Венеција. Сведоци тврдат дека тој се онесвестил пред колегите додека се подготвувале за сцена.
Портпаролот на студиото „Парамаунт“, кое ја продуцира серијата за „Нетфликс“, ја потврди трагедијата, изразувајќи длабоко жалење за ненадејната смрт на член на продукцискиот тим. Борела бил ангажиран како трет асистент-режисер, а медицинската екипа на сетот веднаш се обидела да му помогне, но тој починал на лице место. По несреќата, снимањето на серијата привремено било прекинато, а потоа продолжило.
„Емили во Париз“ е романтична комедија која првпат се појави во 2020 година за време на ковид пандемијата, а Лили Колинс ја игра главната улога на американската маркетинг-директорка Емили Купер. Во четвртата сезона, која излезе во 2024, Емили се сели во Рим за отворање нова канцеларија. Петтата сезона се очекува да биде објавена на крајот на годинава, иако трагичниот настан засега ја обележува продукцијата.




