Израел ја изврши воздушната офанзива врз Јемен по ракетниот напад од Хутите

Главниот град на Јемен, Сана, денес беше погоден од израелски воздушни напади, два дена откако Хутите испукаа балистичка ракета кон Израел, објави телевизиската станица „Ал-Масира“, контролирана од Хутите.

Жителите на Сана јавија дека нападите биле насочени кон области во близина на претседателскиот комплекс, ракетни бази и електрани. Израелската војска го потврди нападот и соопшти дека целите вклучувале воен комплекс каде се наоѓа претседателската палата, две електрани и складиште за гориво.

Хутите завчера објавија дека испукале балистичка ракета кон Израел, која според претставник на израелските воздухопловни сили, најверојатно носела неколку подмуниции наменети да детонираат при удар. Функционерот истакна дека ова е прв пат ваков тип ракета да биде лансирана од Јемен.

Од почетокот на војната на Израел во Газа против палестинската група Хамас во октомври 2023 година, Хутите, сојузници на Иран, почнаа да напаѓаат бродови во Црвеното Море како израз на солидарност со Палестинците. Израел, од своја страна, одговори со воздушни напади врз територии контролирани од Хутите, вклучувајќи го и пристаништето Ходеида.