Истрагата за смртоносниот пожар во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана влегува во нова, драматична фаза. Сопственикот на барот Le Constellation, Жак Морети, е уапсен поради сомнеж дека постои ризик од бегство, соопштија надлежните власти.
Апсењето следи по повеќедневна истрага за трагедијата што се случи во раните утрински часови на 1 јануари, кога за време на новогодишната прослава избувна пожар кој за кратко време го зафати целиот објект. Во катастрофата загинаа најмалку 40 лица, а 119 беа повредени, што ја прави една од најтешките несреќи во поновата швајцарска историја.
За првпат јавно се огласи и сопственичката Џесика Морети, која е оставена да се брани од слобода. Во кратка изјава таа изрази жалење и сочувство до семејствата на жртвите, нагласувајќи дека трагедијата била „незамислива“.
Сведоштвата на очевидците опишуваат сцени на паника и хаос: пожарот се проширил за неколку моменти, гостите очајно се туркале кон излезите, а дел кршеле прозорци за да избегаат од чадот. Брзината на ширење на огнот, според истрагата, можеби е поврзана со употреба на пиротехнички средства во затворен простор и лесно запаливи материјали на таванот.
Дополнителен сомнеж предизвикаа наводите дека надзорни камери ја снимиле сопственичката како го напушта објектот со каса во рацете додека пожарот сè уште беснеел. Овие снимки сега детално ги анализира полицијата.
Швајцарскиот претседател Гај Пармелан трагедијата ја опиша како национална катастрофа. Во меѓувреме, повеќе семејства на жртвите поднесоа кривични пријави, а истрагата за убиство од небрежност и безбедносни пропусти продолжува.




