Во јавноста е отворена дебата по објавувањето на новиот предлог-закон за заштита од пушење, кој е поставен на електронскиот систем ЕНЕР и е предмет на јавна расправа. Од Министерство за здравство појаснуваат дека целта на законските измени не е репресија, туку долгорочна превенција и подобра заштита на здравјето на граѓаните.
Надлежните најавуваат дека 2026 година ќе биде клучна за практичната примена на законот, при што фокусот ќе биде ставен на информирање и едукација, особено кај помладата популација, наместо исклучиво на казнување.
Предлогот носи серија значајни ограничувања поврзани со употребата на тутунски и никотински производи. Меѓу нив се целосна забрана за ароматизирани електронски цигари, вклучително и оние со ментол, како и забрана за пушење во возило доколку во него има дете. Дополнително, јасно се дефинираат условите за пушење на тераси – тоа би било дозволено само доколку просторот е отворен од најмалку три страни, без стаклени или најлонски прегради.
Законот предвидува и финансиски санкции. Граѓаните кои ќе бидат затекнати како пушат на забрането место може да се соочат со глоба до 300 евра, додека за компаниите се предвидени значително повисоки казни. Во случаи на повторени прекршоци, можно е и времено одземање на дозволата за работа.
Останува отворено прашањето: дали овие мерки ќе придонесат за поздрава средина или ќе предизвикаат нови поделби во јавноста? Анкетата е отворена.




