Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, јавно застана во одбрана на Доналд Трамп, оценувајќи дека американскиот претседател има позитивно влијание врз Алијансата и нејзината иднина. Според Руте, токму притисокот од Трамп бил пресуден европските сојузници да почнат сериозно да ги зголемуваат трошоците за одбрана.
Тој се осврна и на критиките дека премногу го пофалува Трамп, истакнувајќи дека неговите изјави не се лични симпатии, туку се темелат на конкретни резултати. Руте нагласи дека е целосно уверен оти без Трамп немало да се постигне договорот од самитот во Хаг, со кој беше подигнат прагот за издвојување за одбрана на 5 проценти од БДП.
На прес-конференција во Загреб, заедно со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, Руте порача дека НАТО денес е пообединет токму поради притисокот сите членки да преземат поголем дел од одговорноста, наместо да се потпираат исклучиво на САД.
Иако не даде директен коментар за изјавите на Трамп поврзани со Гренланд, Руте ја поздрави зголемената соработка меѓу сојузниците во Арктикот и Далечниот Север. Тој истакна дека земји како Велика Британија, Германија и Данска веќе преземаат конкретни чекори за зајакнување на безбедноста во овој чувствителен регион.
Руте предупреди дека НАТО мора да остане фокусиран на заканите од Русија, но и од забрзаното воено јакнење на Кина и потенцијалните ризици од други држави. Според него, единствениот пат напред е уште посилна соработка и заедничка одбрана.




