Доналд Трамп предизвика нова бура на социјалните мрежи откако на својата платформа Truth Social сподели слика од наводна страница на Википедија на која е прикажан како актуелен и привремен претседател на Венецуела, покрај тоа што е наведен како 45-ти и 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави.
Објавата брзо се прошири и предизвика лавина реакции, а британскиот „Индипендент“ оцени дека станува збор за иронична шега насочена кон моменталната политичка состојба во Венецуела и привременото раководство на земјата. Според анализите, објавата алудира на Делса Родригез, која ја презеде функцијата по драматичните настани во Каракас на почетокот на јануари.
По кратката американска воена интервенција на 3 јануари, во која беа приведени Николас Мадуро и неговата сопруга, Вашингтон соопшти дека ќе има улога во управувањето со земјата сè додека не се создадат услови за одржување слободни избори. Привременото раководство, според најавите, било под силно влијание на администрацијата на Трамп, со клучна улога на државниот секретар Марко Рубио.
Трамп дополнително ја коментираше иднината на венецуелските природни ресурси и можните американски инвестиции, иако од нафтениот гигант „ЕксонМобил“ порачаа дека моментално не гледаат услови за вложување во земјата. Во исто време, Трамп упати пораки и кон Куба, предупредувајќи дека повеќе нема да може да се потпира на поддршката од Венецуела, а како можен следен чекор го спомена и Рубио како иден лидер на комунистичката држава.

Објавата, иако сатирична, повторно го отвори прашањето за улогата на САД во регионот и границата меѓу политичка шега и сериозна порака.




