Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс денеска ја потврди позицијата на Вашингтон дека САД нема да испраќаат војници во Украина, но подвлече дека ќе продолжат да играат активна улога во гарантирањето на безбедноста на Киев.
„Претседателот беше многу јасен. Нема да има војници на терен во Украина. Но, ќе обезбедиме безбедносни гаранции за Украинците и ќе создадеме услови Русија да ја заврши војната од своја страна“, изјави Венс за NBC News.
Тој нагласи дека Москва за прв пат по три и пол години покажала „реална флексибилност“, вклучително и омекнување на ставот околу територијалниот интегритет на Украина по војната.
Венс откри и дека американскиот претседател Доналд Трамп користел „агресивна економска моќ“ – како секундарни тарифи за Индија – за да го отежне руското финансирање преку нафтената индустрија и да ја поттикне Москва на преговори.
„Не велам дека Русите се откажале од сè, но нивниот став е пофлексибилен. Преговорите имаат подеми и падови, но упорноста ќе донесе резултати“, рече тој, додавајќи дека крајот на војната нема да дојде „преку ноќ“.




