Дали најблиската соработничка му го сврте грбот на Мадуро? Тајните договори што ја сменија судбината на Венецуела!

Додека Николас Мадуро веруваше дека цврсто ја контролира власта во Каракас, вистинските одлуки за иднината на Венецуела се носеле далеку од очите на јавноста – во луксузните салони на Доха. Таму, со посредство на висок член на катарското кралско семејство, со месеци се воделе тајни разговори за иднината на земјата, без присуство на човекот кој формално ја држеше власта.

На тие средби не седел Мадуро, туку неговата најблиска соработничка и потпретседателка Делси Родригез, заедно со нејзиниот брат Хорхе Родригез, претседател на венецуелскиот парламент. Според информации на „Мајами Хералд“, весник со длабоки извори во Латинска Америка, Делси Родригез уште минатата година стапила во контакт со Вашингтон, нудејќи се себеси како „поприфатлива“ и попрагматична алтернатива на сè поизолираниот Мадуро.

Во дипломатските кругови, овој план бил познат како „Мадуроизам без Мадуро“ – зачувување на системот и структурата на власта, но без човекот кој станал товар и за сопствениот режим и за меѓународната заедница.

„Не го соборија – го предадоа“

Сомнежите дека падот на Мадуро не бил резултат на чист надворешен притисок, туку на внимателно подготвена внатрешна операција, дополнително се засилија по неговото апсење од американските сили во Каракас и префрлањето во САД, каде што се соочува со сериозни обвиненија за нарко-тероризам.

Поранешниот потпретседател на Колумбија и поранешен амбасадор во Вашингтон, Франциско Сантос Калдерон, јавно изјави дека е „апсолутно сигурен“ оти Мадуро бил предаден од луѓето од сопствениот круг.

„Не го соборија – го предадоа“, изјави Сантос, тврдејќи дека Делси Родригез дозволила апсењето да се случи без сериозен отпор. Според него, сè укажува на сценарио во кое Мадуро бил жртвуван, додека вистинската моќ тивко се префрлила во рацете на неговите најблиски соработници.

Американскиот претседател Доналд Трамп воопшто не го криеше задоволството од новата ситуација. Тој изјави дека САД ќе „ја водат Венецуела“ за време на транзицијата, со привремена влада предводена токму од Делси Родригез. Истовремено, американските нафтени компании почнаа подготовки за враќање на венецуелските нафтени полиња – едно од клучните барања на Вашингтон во преговорите.

„Спремна да направи што е потребно“

Иако Делси Родригез беше под американски санкции за време на првиот мандат на Трамп, поради поткопување на демократијата, денес таа се претставува како прагматична фигура, подготвена на компромиси. Трамп изјави дека таа е „спремна да направи што е потребно“, а извори од администрацијата ја опишуваат како личност со која може да се работи „попрофесионално отколку со Мадуро“.

Нејзината политичка биографија ја поткрепува таа слика. Делси Родригез влезе во политиката кратко по доаѓањето на Уго Чавез на власт и со години ги имаше речиси сите клучни функции – од министер за надворешни работи, преку претседател на уставното собрание, до потпретседател и де факто управител на нафтениот и финансискиот сектор.

Во последните години таа беше и лице на ограничената економска либерализација, која помогна Венецуела да излезе од најдлабоката фаза на кризата и да ја добие поддршката на дел од бизнис елитата. Нејзините блиски врски со Катар дополнително ја зацврстија нејзината позиција, а Доха стана клучна точка за тајни контакти со Вашингтон, вклучително и разговори за разузнавање и енергетска соработка.

Според истите извори, токму катарските посредници ја предложиле Делси Родригез како една од главните опции за преодна влада, со уверување дека таа ќе ги гарантира американските енергетски интереси.

Најновите потези на новата власт само ги засилија сомнежите за вистинската природа на „транзицијата“. Трамп објави дека Венецуела прифатила средствата од продажбата на нафта да се користат исклучиво за купување американски производи – од храна и лекови до енергетска опрема.

Дополнително, беше објавено дека Венецуела се согласила да испорача меѓу 30 и 50 милиони барели нафта на САД, при што приходите директно ќе одат на американска страна. Иако Делси Родригез јавно бара ослободување на Мадуро и неговата сопруга и настапува со пркосен тон, конкретните одлуки на нејзината влада укажуваат на јасно и длабоко преориентирање кон Вашингтон.

Затоа, во Каракас и низ целиот регион сè погласно одекнува прашањето: дали падот на Николас Мадуро беше резултат на долгогодишен надворешен притисок – или студено и прецизно испланирано предавство од самиот врв на режимот? Сè повеќе индикации упатуваат дека клучниот удар дошол одвнатре, а дека Делси Родригез, со поддршка од САД, го искористила моментот за да ја преземе контролата.