Американскиот претседател Доналд Трамп упати сериозно предупредување дека Соединетите Американски Држави би можеле повторно да изведат воздушни удари врз Нигерија доколку, како што истакна, продолжи насилството врз христијанското население во оваа западноафриканска земја.
Во обемно интервју за „Њујорк тајмс“, Трамп беше запрашан дали воздушните удари извршени на Божиќ во северната нигериска сојузна држава Сокото претставуваат почеток на поширока американска воена кампања во регионот. Нападите беа насочени кон позиции на исламистички милитанти.
– Би сакал тоа да биде еднократен удар. Но, ако продолжат да убиваат христијани, тоа нема да остане така. Во тој случај ќе следуваат повеќекратни удари, изјави Трамп, испраќајќи јасна порака дека САД се подготвени за понатамошна воена акција.
Нигериската влада претходно остро ги отфрли тврдењата на Трамп дека државата не успева да ги заштити христијаните од џихадистичко насилство. Официјален Лагос нагласи дека жртви на екстремистичките напади се „муслимани, христијани и лица без верска припадност“, без селекција по религиозна основа.
Организации што го следат политичкото и верското насилство во Нигерија наведуваат дека мнозинството жртви на џихадистичките групи всушност се муслимани. Сепак, во одредени десничарски и конзервативни кругови во САД од минатата година сè почесто се зборува за наводен геноцид врз христијаните во Нигерија.
Запрашан директно за овие обвинувања, Трамп призна дека во Нигерија се убиваат и муслимани, но додаде дека, според неговото убедување, „најмногу страдаат христијаните“.
Портпарол на нигерискиот министер за надворешни работи избегна директен коментар за можноста од нови американски воздушни удари, но порача дека Нигерија ќе продолжи со дијалог и соработка со своите меѓународни партнери.
– Нигерија ќе продолжи со конструктивна соработка со партнерите, вклучително и Соединетите Американски Држави, со целосно почитување на меѓународното право и суверенитетот на Нигерија, изјави Алкасим Абдулкадир.
Тој нагласи дека нигериската држава е посветена на заштита на сите свои граѓани, без разлика на верската припадност.
Нигерија, земја со повеќе од 230 милиони жители, е речиси рамномерно поделена меѓу христијани, кои претежно живеат на југот, и муслимани, кои главно го населуваат северот. Североисточниот дел од земјата веќе повеќе од 15 години е погоден од жесток исламистички бунт, предводен од групи како Боко Харам и фракции поврзани со таканаречената Исламска држава, особено во сојузната држава Борно.
Божиќните воздушни удари на САД беа насочени кон два кампа на џихадистичката група Лакурава во претежно муслиманската држава Сокото, на северозападот на Нигерија, во близина на границата со Нигер. Засега нема официјални информации за можни жртви или материјална штета, бидејќи ниту американските ниту нигериските власти не објавија детали за исходот од нападите.
Нигерискиот министер за надворешни работи Јусуф Маитама Тугар претходно изјави дека станува збор за заедничка операција на САД и Нигерија која, како што нагласи, „нема никаква врска со религијата“. Според него, акцијата била одобрена од претседателот на Нигерија, Бола Тинубу, и спроведена со директно учество на нигериските вооружени сили.
Трамп, од своја страна, ги опиша нападите како „божиќен подарок“, изјава што дополнително ја разгоре јавната дебата и реакциите и во САД и во Нигерија.




