Жешка политичка есен: Кандидатите за Скопје и Чаир со жестоки пораки и ветувања пред граѓаните

Летото носи високи температури, но уште повеќе се вжештува политичката сцена во пресрет на локалните избори. Иако официјалната кампања допрва претстои, партиите веќе ги вжештија првите предизборни настапи.

Опозициската СДСМ започна со серијал од прес-конференции со остри критики за состојбата во Скопје. Нивната кандидатка за градоначалничка, Каја Шукова, ја нападна актуелната власт за, како што рече, „целосно уништен јавен превоз, ѓубре насекаде и културно пропаѓање без крај“. Таа порача дека скопјани очекуваат вистински решенија, а не само празни ветувања.

Од друга страна, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека неговиот главен приоритет ќе биде реорганизација на комуналната хигиена и средување на состојбата со ЈСП. „Транспортот е еден од најголемите проблеми на граѓаните и мора да биде решен“, истакна тој, додавајќи дека и заштитата на животната средина ќе биде во прв план.

Во Чаир, актуелниот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, кој настапува како кандидат од движењето Вреди, најави целосна трансформација на општината: поставување на подземни контејнери, нови паркинг места, зонско паркирање и модернизација на Старата скопска чаршија која, според него, ќе стане „најатрактивно место во државата“.

Во Центар, својата визија ја претстави и поранешната претседателка на Антикорупциска, Билјана Ивановска, која настапува со поддршка од „Независни заедно“. Таа се сретна со граѓани кај Зеленото пазарче и нагласи дека Центар мора да стане поубаво и поквалитетно место за живеење.

Иако изборите ќе се одржат во октомври, партиите веќе ги објавија најголем дел од кандидатите и влегоа во првите судири на терен. Очигледно е дека Скопје и Чаир ќе бидат едни од клучните бојни полиња на претстојната жешка политичка есен.