Ивановски најавува електрификација на пругата Скопје-Кичево за намалување на загадувањето

Директорот на Железници инфраструктура, Синиша Ивановски, на денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“ истакна дека пругата Скопје-Кичево ќе биде целосно реконструирана со посебен акцент на животната средина и екологијата. Тој објасни дека електрификацијата на пругата значително ќе го намали загадувањето, подобрувајќи го квалитетот на воздухот во регионот.

„Во овој момент постоечка железница постои кон Скопје преку Тетово-Гостивар до Кичево, меѓутоа години наназад не е во функција. Оваа делница ќе биде целосно реконструирана, и при тоа, мислејќи на животната средина и екологијата, ќе биде целосно електрифицирана со што загадувањето ќе го намалиме значително“, рече Ивановски.

Тој додаде дека во наредната година до две се очекува да има зрел проект, со кој државата ќе може да отпочне тендерирање и целосна реконструкција. Предвидениот рок за завршување на пругата е 2031-2032 година, при што Ивановски потенцираше дека изградбата на железници е комплексен процес кој бара внимателно планирање на трасата, изработка на студии, почитување на еколошките стандарди и финансиска исплатливост, во соработка со европските банки.

Со реализацијата на овој проект, патувањата меѓу Скопје и Кичево ќе станат поефикасни, а влијанието врз животната средина значително ќе се намали, што претставува важен чекор кон одржлива железничка инфраструктура во Македонија.