Македонија и Косово прават нов чекор кон подлабока соработка во заштитата на природата, со посебен фокус на Шар Планина. Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со косовскиот амбасадор во земјава, д-р Флоријан Ќехаја, на која се разговараше за идните насоки и можностите за унапредување на заедничките активности меѓу двете држави.
На средбата беше истакнато дека односите меѓу Македонија и Косово се стабилни и пријателски, а досегашната соработка во областа на животната средина се оценува како успешна. Особено внимание беше посветено на постојните договори и иницијативи, меѓу кои и Меморандумот за соработка од 2012 година, како и проектите што произлегуваат од економската и регионалната соработка.
Во фокусот на разговорите беше иницијативата „Заедничка визија за Шар Планина“, која има за цел долгорочна заштита и одржлив развој на прекуграничните природни подрачја. Соговорниците нагласија дека преку ИПА програмите за прекугранична соработка се отвораат можности за нови инфраструктурни и економски проекти кои ќе донесат придобивки за локалното население од двете страни на границата.
Дополнително, беше изразена подготвеност за продлабочување на партнерството во наредниот период, вклучувајќи и можност за ажурирање и унапредување на постојниот Меморандум за соработка.
Средбата заврши со заедничка порака дека заштитата на природното богатство и јакнењето на регионалната соработка остануваат заеднички приоритет за двете земји.




