Москва со нова игра: Лавров најави што Русија бара за „мир“ во Украина

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска откри нови детали за тоа што Русија го гледа како предуслов за крај на војната во Украина. Во интервју за NBC News тој потврди дека Кремљ има конкретни барања кои се однесуваат на идниот статус на Украина, како и на нејзината врска со НАТО и западните сојузници.

Лавров истакна дека Москва сака меѓународни гаранции за безбедноста на Украина, кои би ги дале постојаните членки на Советот за безбедност на ОН – САД, Велика Британија, Франција, Кина и Русија – со можност да се приклучат и Германија и Турција. Тој нагласи дека Украина мора да остане ненуклеарна, да биде неутрална и да не стане дел од ниту еден воен блок.

Иако Русија и претходно имала слични позиции, Лавров овој пат ги формулираше како основни точки за потенцијален договор, подвлекувајќи дека членството на Украина во НАТО е „црвена линија“ која Москва никогаш нема да ја прифати.

Покрај тоа, Лавров побара почитување на правото за употреба на рускиот јазик и отворање разговори околу територијалните прашања, нешто што Киев досега го одбиваше.

Русија, според него, ја гледа оваа рамка како единствена можност за трајно решение, но дали Украина и нејзините западни партнери ќе прифатат да се преговара врз вакви основи останува неизвесно.